Врз основа на член 36 став (1) точка 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/02 и Службен весник на Република Северна Македонија бр.202/24), член 17 и 17-а став (2) од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија” бр. 38/96, 9/97, 6/02, 40/03, 49/06, 22/07, 83/09, 97/10, 6/12, 119/13, 41/14, 138/14, 25/15, 61/15, 39/16, 64/18 и 35/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19, 89/22, 274/22, 208/24 и 193/25), како и Правилникот за формата и содржината на јавниот повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на управен и надзорен одбор на јавно претпријатие, начинот на поднесување на пријавата, обрасците за пријавување и начинот на бодување и селекција на кандидатите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.213/2024), согласно Одлука за распишување на Јавен Повик бр. 08-393/1 од 27.02.2026 година,
Советот на Општина Радовиш објавува:
ЈАВЕН ПОВИК
за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на членови во Управен одбор на ЈП „ПЛАВАЈА“ РАДОВИШ
ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Предмет на Јавниот повик е спроведување на постапка за избор на (5) члена во Управен одбор на ЈП „ПЛАВАЈА“ РАДОВИШ, со седиште во општина Радовиш.
Постапката ќе се спроведе согласно Правилникот за формата и содржината на јавниот повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на управен и надзорен одбор на јавно претпријатие, начинот на поднесување на пријавата, обрасците за пријавување и начинот на бодување и селекција на кандидатите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.213/2024).
ПРАВО НА УЧЕСТВО
Право на учество имаат сите лица кои ќе пројават интерес за пријавување на кандидати кои ги исполнуваат условите предвидени во Јавниот повик. Јавниот повик со сите услови се објавува на веб страната на Општина Радовиш https://www.radovis.gov.mk.
УСЛОВИ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ИСПОЛНАТ СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА
За член на Управен одбор на ЈП „ПЛАВАЈА“ РАДОВИШ може да биде лице кое ги исполнува следниве услови:
- е државјанин на Република Северна Македонија
- има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен Vll/1 степен образование
- во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност.
Членовите на управниот одбор на ЈП „ПЛАВАЈА“ РАДОВИШ, треба да имаат и најмалку 5 години работно искуство, и тоа:
– најмалку еден член на управниот одбор со работно искуство од областа на финансиско работење и
– најмалку еден член на управниот одбор со работно искуство од областа на правните работи.
Времетраењето на мандатот на членовите на управниот одбор на ЈП „ПЛАВАЈА“ РАДОВИШ изнесува четири години, со право на уште еден последователен мандат.
НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Задолжителни документи кои треба да бидат доставени како доказ за исполнување на условите за член на управниот одбор на ЈП „ПЛАВАЈА“ РАДОВИШ се:
- Образец за пријавување,
- Кратка биографија,
- Уверение за државјанство на Република Северна Македонија,
- Уверение или диплома за завршено високо образование и стекнати 240 ЕКТС или завршен VIl/1 степен образование,
- Потврда дека со правосилна судска пресуда не му изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
- Потврда дека има најмалку пет години работно искуство (Преглед/потврда за евидентиран стаж од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија),
- Сертификати, лиценци, уверенија, дипломи издадени од овластени, односно акредитирани институции за нивно издавање согласно закон за бараната позиција.
ПОСТАПКА ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА ЧЛЕНОВИТЕ
Постапката за селекција на членовите на управен одбор на ЈП „ПЛАВАЈА“ РАДОВИШ се состои од две фази и тоа:
- Фаза 1 – административна селекција (фаза во која се врши проверка на внесените податоци во пријавата со условите од јавниот повик кои треба да се идентични со условите утврдени во Законот за јавните претпријатија, како и на доставените докази и се врши нивно бодување) и
- Фаза 2 – интервју (фаза во која преку ситуациони и стручни прашања и практични задачи се проверуваат општите и посебните работни компетенции на кандидатот и се врши нивно бодување, а се поставуваат и општи прашања со кои се проверува интересот и мотивацијата на кандидатот за работата, прашања за неговото претходно работно искуство, очекувањата на кандидатот и сл.).
Точниот датум, време и место на оддржување на интервјуто ќе бидат објавени на веб страната на Општина Радовиш : https://www.radovis.gov.mk.
РОК И НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ
Јавниот повик се објавува на ден 02.03.2026 година и трае 5 (пет) дена, односно најдоцна до 06.03.2026 година.
Пријавените кандидати соодветната документација во хартиена форма во оригинал или копија заверена на нотар заедно со пополнета Пријава на образец за пријавување (која е во прилог кон повикот) да ја достават до:
Архивата на Општина Радовиш (со назнака: За Јавен повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на членови во Управен одбор на ЈП „ПЛАВАЈА“ РАДОВИШ).
Незадоволните кандидати од изборот за членoви во управниот одбор на јавното претпријатие имаат право да поведат управен спор до надлежен суд согласно со Законот за управни спорови.
Напомена: Пријавите без комплетно приложена документација или кои се доставени по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат.
Број 08-393/3 Совет на општина Радовиш
Дата 27.02.2026 година Претседател
Радовиш Гоце Дединец






