Денес, во салата за состаноци во зградата на Општина Радовиш, се одржа XVII седница на Советот на Општина Радовиш, на која советниците расправаа и одлучуваа по повеќе точки од дневниот ред од значење за функционирањето на општината, јавните установи и реализацијата на локалните политики.
На почетокот на седницата беше усвоен записникот од претходната XVI седница, по што следуваа советнички прашања и разгледување на предложените точки.
Советот даде согласност на Годишниот план за вработување за 2027 година на ОНБ „Браќа Миладиновци“ – Радовиш, а беа разгледани и усвоени годишните извештаи за работата на основните училишта „Коста Рацин“ – с. Подареш, „Кирил и Методиј“ – с. Ораовица, „Орце Николов“ – с. Ињево и „Никола Карев“ – Радовиш за учебната 2025/2026 година.
Воедно, Советот ги усвои и годишните програми за работа на училиштата „Орце Николов“, „Кирил и Методиј“ и „Коста Рацин“ за учебната 2026/2027 година.
На седницата беа донесени и повеќе одлуки поврзани со измените на Програмата за уредување на јавни површини, Програмата за изработка и измена на урбанистички планови, како и четвртата измена на Програмата за функционирање на администрацијата на Општина Радовиш за 2026 година.
Советниците ја разгледаа и усвоија Одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Радовиш за 2026 година, како и одлуките за доделување недвижна ствар на времено користење на Доброволното противпожарно друштво КОБРИ од с. Злеово, за започнување постапка за купопродажба на недвижен имот и за покренување иницијатива за започнување постапка за трансформација на Технолошко-индустриската развојна зона согласно Законот за индустриски – зелени зони.
На крајот од седницата, Советот го усвои и Извештајот за работата на работните тела на Советот на Општина Радовиш.
Со донесените одлуки и заклучоци, Советот на Општина Радовиш продолжува активно да работи на унапредување на условите за развој на локалната самоуправа, образованието, инфраструктурата и создавање подобри услови за живот на граѓаните на општината.
