Радовиш официјално се приклучи кон проектот „Зајакнување на инклузијата на деца со посебни образовни потреби“, кој се реализира со поддршка на Детската фондација Песталоци од Швајцарија.
За таа цел беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Радовиш, Детската фондација Песталоци и Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО). Од страна на Општина Радовиш меморандумот го потпиша градоначалникот Љупче Почивалец.
Проектот е во својата трета фаза на реализација и ќе се спроведува во периодот од 1 јануари 2026 до 31 декември 2028 година. Во него се вклучени 12 општини со вкупно 24 основни училишта низ државата.
Особено значајно е што Радовиш е избран како една од трите пилот-општини за инклузивно образование, заедно со Штип и Прилеп. Преку оваа иницијатива ќе се работи на унапредување на условите за еднаков пристап до образование за сите ученици, со посебен акцент на децата со посебни образовни потреби.
Целта на меморандумот е воспоставување стратешко партнерство и ефективна соработка меѓу институциите за успешна имплементација на проектните активности на локално и национално ниво. Активностите ќе бидат насочени кон подобрување на инклузивните образовни политики, јакнење на капацитетите на образовните институции и создавање услови за квалитетно, достапно и родово одговорно образование.
Од Општина Радовиш истакнуваат дека учеството во проектот претставува значаен чекор кон создавање образовен систем кој овозможува еднакви можности за учење, учество и развој на секое дете, без разлика на неговите индивидуални потреби.
Проектот се реализира во соработка со национални институции и образовни установи, со цел долгорочно унапредување на инклузивното образование во Македонија.


