Советот на Општина Радовиш ги одржа итната 19-та и итната 20-та седница, на кои беа разгледани прашања од значење за навремена реализација на донацијата од Град Берн, Швајцарија.
На итната 19-та седница беше донесена Одлука со која Општина Радовиш ја прифаќа донацијата од Град Берн – Дирекција за нискоградба, сообраќај и градско зеленило – Entsorgung + Recycling, која се состои од три возила за собирање комунален отпад: две возила Renault Premium 310.26, произведени во 2013 година, и едно возило MAN TGS 26.400, произведено во 2014 година.
По добиената потврда дека Општина Радовиш ќе ги добие трите возила, се појави потреба од обезбедување дополнителни средства за нивниот транспорт од Берн до Радовиш.
На итната 20-та седница беше разгледано прашањето за обезбедување дополнителни финансиски средства за транспортот. Со Програмата за функционирање на администрацијата во Општина Радовиш за 2026 година веќе се обезбедени 340.000 денари за транспорт на едно возило.
Имајќи предвид дека донацијата опфаќа три возила, на седницата беше предложено дообезбедување на дополнителни 400.000 денари на соодветната буџетска ставка, со цел да се обезбедат услови за навремен транспорт на возилата од Берн до Радовиш.
Итноста на седницата произлегува од потребата навремено да се преземат сите активности поврзани со преземањето и транспортот на возилата, особено имајќи ги предвид различните рокови за нивното предавање од страна на Град Берн.
Со реализацијата на донацијата, Општина Радовиш ќе добие значајно засилување на капацитетите за собирање на комуналниот отпад и унапредување на комуналните услуги во општината.

