Градоначалникот Љупче Почивалец присуствуваше на официјалното започнување на проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Македонија“, на настан на кој учествуваа претставници на општините и јавните комунални претпријатија, државни институции, меѓународни организации, донатори, развојни банки, граѓански организации и медиуми.
За реализација на проектот се обезбедени 6,5 милиони швајцарски франци грант од SECO, додека Министерството за животна средина и просторно планирање учествува со национална контрибуција од 0,5 милиони швајцарски франци. Проектот ќе се спроведува во следните пет години и ќе опфати седум општини и нивните јавни комунални претпријатија, меѓу кои и Општина Радовиш.
Во рамки на проектот се предвидени активности за модернизација на комуналната инфраструктура, подобрување на енергетската ефикасност, примена на меѓународни стандарди за воден биланс, интегрирање на обновливи извори на енергија, воспоставување системи за мониторинг и зајакнување на институционалните капацитети на јавните комунални претпријатија.
Ова е значаен чекор кон поефикасни, одржливи и современи комунални услуги, со директни придобивки за граѓаните и животната средина.
Настанот беше отворен од амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија, Н.Е. Кристоф Зомер, и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, кои ја истакнаа важноста на инвестициите во модерни и одржливи комунални системи како предуслов за подобар квалитет на живот и поефикасно управување со ресурсите.

