Во периодот од 18 до 22 ноември 2026 година, во Радовиш се одржаа 53. Карамановите поетски средби, една од културните манифестации со долгогодишна традиција, посветена на поезијата и книжевното творештво.
Настаните се реализираа на две локации – во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Радовиш и Градската галерија, каде што во текот на петте дена љубителите на поезијата и културата имаа можност да проследат разновидна програма.
Во рамките на манифестацијата се одржаа поетско-музичкиот концерт „Синергија“, промоција на книгата „Граници од земја“ од Јовица Илиќ, како и тркалезна маса со средношколци посветена на животот и творештвото на Ацо Караманов.
Централната вечер се одржа на 20 ноември во Градската галерија, со свечено отворање и поздравно обраќање на градоначалникот на Општина Радовиш, Љупче Почивалец. Во рамките на вечерта беа доделени Интернационалната награда „Ацо Караманов“ за 2026 година на Предраг Бјелошевиќ за делото „Јаве, привид, меѓувреме“ и наградата „Караманов“ за 2026 година на Владо Јаневски за „Сизифовска пролет“. Настапија и поетите учесници на манифестацијата.
Програмата продолжи во библиотеката „Браќа Миладиновци“ со промоции на книги од домашни автори, меѓу кои и дела од Даниела Андоновска-Трајковска, Предраг Бјелошевиќ и Владо Јаневски. Во Градската галерија се одржа и доделувањето на наградите од конкурсот за детска поезија, проследено со поетски перформанс за деца.
Манифестацијата заврши на 22 ноември со завршна поетска средба, размена на впечатоци и предлози и испраќање на учесниците.
Со одржувањето на 53. издание, Радовиш продолжува да ја негува традицијата на Карамановите поетски средби, афирмирајќи ја поезијата, книжевното творештво и културното наследство.
Организатор на манифестацијата е Центарот за култура „Ацо Караманов“ – Радовиш, со поддршка на Министерството за култура и Општина Радовиш.









