Општина Радовиш продолжува со активности насочени кон истражување, заштита и афирмација на богатото културно-историско наследство на општината.
На археолошкиот локалитет „Бела Црква“ во Радовиш започнаа сондажни археолошки истражувања, кои се реализираат во координација со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип.
Уште во почетната фаза од истражувањата се пронајдени гробови кои се дел од некропола, лоцирана во близина на црквата на локалитетот. Истражувањата имаат за цел да се утврди присуството, обемот и значењето на археолошките наоди, како и потребните мерки за нивна заштита.
„Сондажните археолошки истражувања ќе продолжат на овие парцели сè додека не биде извршено сондажно истражување на сите предвидени места“, истакна Зоран Николов, виш кустос археолог од Завод и Музеј – Штип.
Активностите се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам и Општина Радовиш. Општина Радовиш во наредниот период планира да обезбеди и целосно финансирање на систематските археолошки истражувања на локалитетот.
Овие истражувања претставуваат значаен чекор во откривањето, документирањето и заштитата на археолошкото наследство на Радовиш.
Општина Радовиш продолжува посветено да вложува во зачувувањето и афирмацијата на културното наследство, како трајна вредност за сегашните и идните генерации.



