Резултатот од 93,9% ја става Општина Радовиш во категоријата општини со многу добра активна транспарентност, што претставува показател за степенот на јавно објавување информации поврзани со работата на локалната самоуправа.
Транспарентноста и отвореноста на локалните институции се едни од клучните елементи за градење доверба меѓу институциите и граѓаните. Најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажува дека Општина Радовиш остварила 93,9% активна транспарентност, со што се наоѓа во горниот дел од табелата и е категоризирана како општина со „Многу добра активна транспарентност“.
Според дефиницијата на истражувањето, активната транспарентност подразбира информациите за работата на локалната самоуправа да бидат јавно достапни, навремени и лесно пристапни за граѓаните, без тие претходно да мора да ги побараат.
По објавувањето на резултатите, градоначалникот на Општина Радовиш, Љупче Почивалец, истакна дека постигнатиот резултат претставува значаен показател за насоката во која се движи работењето на локалната самоуправа.
„Овој резултат за мене, како градоначалник, претставува значаен показател дека работиме во вистинската насока – со отвореност, навремено информирање, отчетност и одговорност кон граѓаните“, посочи Почивалец.
Тој упати благодарност до вработените во Општина Радовиш, општинската администрација и службите кои, како што истакна, секојдневно придонесуваат кон отворено, одговорно и отчетно работење.
„Ќе продолжиме да работиме уште поотворено, уште поодговорно и секогаш во интерес на граѓаните на Општина Радовиш. Транспарентноста е обврска, но пред сè – одговорност кон граѓаните“, порача градоначалникот Љупче Почивалец.
Резултатот од 93,9% ја става Општина Радовиш во категоријата општини со многу добра активна транспарентност, што претставува показател за степенот на јавно објавување информации поврзани со работата на локалната самоуправа.
