Врз основа на членовите 5, 7, 20, 21, 22, 36 и 50 од Законот за локална самоуправа (Сл.весник бр.5/2002) и чл. 58 од Законот за градење (Сл.Весник бр.130/09….101/25) на првата седница одржана на ден – 13,02,2026 година, Советот на Општина Радовиш го донесе следниот:
ПРАВИЛНИК
за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно
земјиште за изградба на објекти А1 – Домување во куќи за млади до 35 години, при изградба, доградба или надградба на прв дом
Член 1
Со овој правилник се уредува постапката за целосно ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште за изградба на објекти А1 – Домување во куќи за млади до 35 години, при изградба, доградба или надградба на прв дом за сопствени потреби на територијата на Општина Радовиш.
Член 2
Правото од член 1 го остваруваат лица кои целосно ги исполнуваат следните услови:
– имаат најмногу 35 години на денот на поднесувањето на барањето;
– инвеститор можат да бидат двата брачни другари, од кои барем еден го осполнува условот од точка 1 на овој член или самохран родител;
– Инвеститорот како самохран родител и инвеститорот и неговиот брачен другар не смее/смеат да има/имаат друг објект за домување во негова/нивна сопственост на територијата на Република Северна Македонија;
– се жители на Општина Радовиш;
– градат, доградуваат или надградуваат прв дом во своја сопственост;
– објектот се гради, доградува или надградува исклучиво за лични потреби за домување;
– поднесуваат фаза архитектура од овластен проектант од изработената техничка документација;
– доставуваат изјава дека објектот ќе го користат за сопствено домување најмалку десет (10) години и дека за предвидениот период објектот нема да се оттуѓи.
Член 3
Ослободувањето од плаќање се однесува на:
– изградба на нова индивидуална куќа до 120 м² нето површина;
– доградба на постоен станбен објект за индивидуално домување до 120 м² нето површина;
– надградба на постоечки станбен објект за индивидуално домување со кој се создава прв дом до 120 м² нето површина;
Член 4
Образецот на барањето и други соодветни формулари можат да се подигнат од Архива на Општина Радовиш или да се симнат од официјалната веб страна на Општина Радовиш.
Комисијата од член 7 на овој правилник го доставува мислењето и предлогот до Градоначалникот во рок од 30 дена од приемот на комплетното барање, заради донесување на одлука од страна на Советот на Општина Радовиш;
Одобрувањето важи само доколку се исполнети сите прописи за издавање на одобрение за градење.
Член 5
Барањата за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште можат да се достават до Општина Радовиш по пошта на адреса бул. Алексдандар Македонски бр.7, 2420 Радовиш, или лично со поднесување во архивата на Општината.
По приемот од Архивата, поднесеното барање или барања ги превзема Претседателот на комисијата.
Член 6
Ако објектот се оттуѓи во рок пократок од 10 години, барателот ја плаќа целата сума на комуналии со казнена камата, согласно Законот за Облигациони односи.
По донесување на одлуката за ослободување на надоместок за уредување на градежно земјиште за изградба на објекти А1 – Домување во куќи за млади до 35 години, при изградба, доградба или надградба на прв дом за сопствени потреби на територијата на Општина Радовиш, Секторот за нормативно-правни, јавни дејности и општи работи доставува известување со примерок од одлуката до Секторот за финансирање и буџет – Одделението за даноци, такси и надоместоци, кои се должни да ја следат сопственоста на објектот и да ја известат Комисијата од член 7 на овој правилник доколку се изврши промена на сопственоста на објектот наведен во одлуката за ослободување на надоместок за уредување на градежно земјиште за изградба на објекти А1 – Домување во куќи за млади до 35 години, при изградба, доградба или надградба на прв дом за сопствени потреби на територијата на Општина Радовиш.
Член 7
За спроведување на овој правилник од страна на Градоначалникот на Општина Радовиш се формира постојана Комисија составена од претседател и два члена со нивни заменици.
Комисијата е независна во својата работа, а е одговорна пред Градоначалникот.
Претседателот на комисијата задолжително се избира од редот на административните службеници со завршен архитектонски или градежен факултет.
Претседателот на комисијата свикува седница по секое пристигнато барање, го разгледува барањето и доставува мислење и предлог до Градоначалникот на Општина Радовиш.
Член 8
Комисијата има обврска да ги разгледува барањата за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште за изградба на објекти А1 – Домување во куќи за млади до 35 години, при изградба, доградба или надградба на прв дом.
Комисијата утврдува дали се исполнети условите дадени во член 2 и член 3 од овој правилник.
Доколку Комисијата утврди дека има потреба од дополнителни информации или документација, може да ги побара од подносителот на барањето.
За барањата кои ги исполнуваат условите, Комисијата му доставува мислење со предлог на Градоначалникот на Општина Радовиш кој доставува предлог до Советот на Општина Радовиш за ослободување од плаќање на надоместок за Уредување на градежно земјиште.
Член 9
Овој Правилник влегува во сила 8 (осмиот) ден од денот на на објавувањето во „Службен гласник на Општина Радовиш”.






