Во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ денес беше пуштена во употреба првата сензорна соба во Радовиш.
Истата од денес ќе може да ја користи стручниот тим на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и во неа ќе се поттикнува аудитивниот, визуелниот, физичкиот и тактилниот развој кај учениците со и без пречки во развојот или образовни потешкотии во ова училиште.
„Со огромно задоволство се вклучивме во процесот на создавање на ова мулти – сензорно катче во нашата општина знаејќи ги потребите пред сѐ на децата со атипичен развој, а и на наставниот кадар и стручните служби кои имаат потреба од дополнителни алатки за квалитетно изведување на образовниот процес“ – истакна градоначалникот на општина Радовиш Ацо Ристов.
Овој проект кој е финансиран од Европската Унија, е пример за целосно вклучување на учениците со попреченост во образовните текови и придонесува кон подобрување на инклузивноста во образовниот процес во Северна Македонија.
Проектот го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“ а во соработка со Министерството за образование и наука.