Platanus orientalis – Чинар (Платан), ГПС коортинати : 41.641614 СГШ и 22.459555 ИГД
600 години – старост на дрвото
Радовишкиот јавор е најстарото и најголемото дрво во градот Радовиш, се наоѓа на улица Гоце Делчев и улица Јавор или на самиот почеток на Варош Маало. Јаворот е прогласен за споменикнаприродатанаМакедонија.
Припаѓа на родот Platanus orientalis – Чинар (Платан). Се проценува дека дрвото е старо повеќе од шест века и се уште е во одлична состојба. Засадот на овој јавор се поврзува со првите години од владеењето на турците или кога Радовиш (Радовиште) потпаѓа под османлиска власт (1382/83). Турците знаеле дека јаворите се вековни растенија и ги засадувале како симбол на вековната империја, најчесто тоа го правеле членови на повисоката класа (паша, бег или ага).
Јаворот е еден од симболите на градот, низ годините тој бил место локација за собирање, закажани договори, патоказ за локација.
Еден од позначајните историски моменти поврзани со локацијата на стариот јавор е палењето на Варошкото Маало во Радовиш на 14 март 1905 година. Таа вечер турскиот аскер извршил терор врз мирниот народ и биле опожарени сите христијански куќи во ,, Маалото Варош“, а целта била да се фати четата на војводата Симеон Молеров која била сместена во „Варошот“ во куќата на големиот револуционер Ајтов Коце. И покрај големиот пожар јаворот преживеал…
Во Македонија Platanus orientalis – Чинар (Платан) е автохтон вид кој се протега јужно од Скопската Котлина, по сливот на реката Вардар и нејзините притоки и околу Дојран. Може да достигне висина до 40 метри, дебелина на стеблото до 3 метри. Цвета во месец април и неговите цутови се собрани во соцутија, наредени во машки и женски околу оски. По цутењето машките соцутија се сушат и паѓаат, а женските се развиваат во топчести плодови кои узреваат на есен.
(Анализа на радовишкиот Јавор од М-р Ристо Климовски, шумарски инженер (Трпејца, Охрид) , 26.јули 2019 година)
“-Да знае многу стариот Радовишки јавор да зборува ќе ја каже целата историја за Радовиш. Ќе зборуваше за сите лоши и убави работи што се случувале низ вековите. Јаворот или платанот е распространет во југоисточните подрачја на Балканскиот Полуостров, Мала Азија и понатуму оди на исток се до Хималаите.
-Тој е големо шумско дрво кое може да израсне до 40 метри висина и повеќе, додека дебелината може да достигне до 4 метри и многу повеќе. Платанот е долговечен вид бидејќи може да веѓетира 2000 години (20 века), а може и повеќе зависи од условите на месторастењето.
-Кореновиот систем на платанот може да се развива до 2 метри длабочина, а на длабочина од 60-70 цм развива голем хоризонтален систем. Покрај големиот коренов систем овој вид е доста отпорен на надворешни влијанија. По сечењето на стеблото од пањевите потерува многубројни и бујни изданци. Интензитетот на изданковата сила кај него не е ограничена со староста на стеблото, па поради тоа е многу важен за ерозивни подрачја.
-Мора да се нагласи поради густината на лисната маса што ја има е многу важен и потребен за производство на кислород. Јас често пати вршам истражување на флората низ Македонија, покрај тоа што ја имам одредено староста на Охридскиот Чинар, староста на Славонскиот Даб кој се наоѓа во расадникот с. Подареш, желба ми е да ја одредам староста на Радовишкиот јавор, платанот. При моето истражување на јаворот во Радовиш кој се наоѓа во центарот на градот го констатирав следното:
- Обемот на јаворот во приземјето О = 8.15 метри.
- Дијаметарот на приземјето е Д = 2.6 метри.
————————————————————————-
- Обемот на висина од 1.30 е О = 6.45 метри
- Дијаметарот на 1.30 е Д = 2.05 метри
-Според овие податоци и со посебни методологии е утврдена староста на Радовишкиот јавор. Според сето истражување е утврдено дека јаворот има:
607 години.
Волуменот на јаворот во одредена маса изнесува 32.76 метри кубни, односно 46.85 просторни метра.
НАПОМЕНА:
Волуменот на ова стебло не се одредува според вовлезните масовни таблици, него волуменот на ова стебло се одредува по формулата за осамени стебла што ја имам утврдено јас.
Кога ке се направи споредба помеѓу Охридскиот Чинар кој е со обем 18,80 метри и кој е стар 1400 години и Радовишкиот јавор со обем од 8,15 метри кој е стар 607 години ќе се види дека бонитетот на земјиштето на месторастењето е ист или е сосема сличен. “
Подготвиле :
М-р Бојаџиев Оливер (ГКЦ КРЕА)
Васе Здравков (Општина Радовиш)